Доброволец од Бразил, кој учествувал во оксфордското тестирање на вакцината против коронавирусот, починал.

Здравствената регулаторна агенција “Анвиса” соопштила дека 28-годишното момче починало поради компликации со коронавирусот.

Универзитетот Оксфорд, заедно со британско-шведскиот фармацевтски гигант “АстраЗенека”, работи на развој на вакцина против Ковид-19.

Клиничките истражувања во Бразил, Велика Британија, Индија и Јужна Африка моментално се во третата фаза.

Неодамна истражувањата биле прекинати во Европа и САД поради два случаи на невролошка болест која се појавила кај волонтерите кои учествуваат во тестовите.

Потсетуваме, волонтерка, претходно здрава 37-годишна жена од Велика Британија, доживеала трансферзален мијелитис, откако ја примила втората доза од вакцината, по што била хоспитализирана на 5-ти септември.

Четири дена подоцна, “АстраЗенека” ги негирала медицинските извештаи дека волонтерката заболела од оваа ретка невролошка состојба која предизвикува воспаление на рбетниот мозок.

Документот, под ознака “почетен извештај”, опишува како учесничката во истражувањето имала проблеми со одењето, слабост и болки во рацете и бројни други симптоми.

Волонтерката првата доза вакцина против коронавирусот ја примила на почетокот на јуни и тогаш се чувствувала добро. Втората доза ја добила кон крајот на август.

Учесничката на 2-ри септември се сопнала додека трчала. Во извештајот се нагласува дека немала очигледни проблеми на вратниот пршлен.

Следниот ден имала симптоми кои вклучуваат отежната одење, болки и слабост во рацете, болка во телото, главоболка и смалена способност на употребата на рацете. Хоспитализирана била на 5-ти септември.

Извештајот на “АстраЗенека” два пати споменува дека кај жената е дијагностициран трансферзален миелитис. Исто така се вели дека неврологот кој бил советуван во нејзиниот случај сугерирал дека симптомите се во склад со дијагнозата на трансферзален миелитис.

Во документот понатаму се вели дека “по независниот преглед се сметало дека овие болести или не се поврзани со вакцината или немало доволно докази за со сигурност да се каже дека болестите се поврзани или не се поврзани со вакцината”. Додадено е дека ќе се продолжи со внимателното следење на погодените поединци и другите учесници.

Компанијата “АстраЗенека” засега не го коментирала случајот со починатиот Бразилец.

коронавирусот.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.