Дали коронавирусот ќе создаде нова форма на здравствени проблеми по ковид-19 и кај пациентите што ја прележале болеста со сериозни симптоми и биле на болничко лекување, кои потоа во периодот на реконвалесценција чувствуваат дека здравствената состојба повторно им е нарушена и не закрепнуваат со предвидената динамика?

Уште една студија потврди дека голем број пациенти и по лекувањето имаат симптоми на ковид-19 и се водат во категоријата пациенти што имаат т.н. долготраен ковид-19. Повеќето од овие пациенти чувствувале умор и малаксаност и два месеца по прележувањето на болеста, а некои од нив се чувствувале и депресивно, се жалеле на „магла во главата“.

Тоа го докажува истражувањето на Универзитетот во Лондон, според кое, повеќе од две третини од излекуваните пациенти што биле хоспитализирани поради инфекцијата имаат долготрајни симптоми и седум недели подоцна. Многумина пријавиле дека и понатаму тешко дишат и продолжуваат да кашлаат. Некои чувствуваат умор, како и психичка истоштеност.

Извештаите за таканаречениот „долготраен ковид-19“ зачестија низ целиот свет и сугерираат дека дури и вакцините да го забават ширењето на пандемијата, милиони можеби ќе живеат со трајни последици од овој вирус – се резултатите од истражувањето.

Во новата студија, истражувачите следеле 384 пациенти што биле отпуштени од болница по третманот од овој вирус. Во просек, пациентите биле во болница шест дена, но 14 отсто морале да бидат префрлени на Одделот за интензивна нега. На повеќето пациенти им е направен рендген на градите по приемот во болницата. Повеќе од половина од испитаниците или 56 отсто имале рендгенски снимки „типични“ за пациенти со ковид-19, односно била присутна пневмонија. Дури 30 отсто од нив покажале знаци на сериозна инфекција.

До отпуштањето, 62 отсто од пациентите имале нормална рендгенска снимка, а 27 отсто покажале значително подобрување. Сепак, девет отсто од пациентите имале полоши резултати дури и неколку недели по отпуштањето од болницата.

Според истражувањето, вкупно 69 отсто од пациентите чувствувале умор и два месеца по болеста, 34 отсто продолжиле да кашлаат, а 15 отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат депресивно. Според епидемиолозите, генерално, стапката на преживување е висока, но сѐ повеќе луѓе тврдат дека се чувствуваат лошо откако се излекувале од вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.