Луѓето веројатно ќе треба да се вакцинираат против Ковид-19 во годините што доаѓаат, изјави за Би-Би-Си шефот на Фајзер, д-р Алберт Бурла.

Тој верува дека ова ќе биде неопходно за да се одржи „многу високо ниво на заштита“.

Велика Британија веќе обезбеди дополнителни 114 милиони дози вакцини од Фајзер и од Модерна кои ќе бидат испорачани во следните две години.

Бурла ја даде изјавата за Би-Би-Си пред појавата на Омикрон, првпат идентификуван во Јужна Африка, и пред објавата дека владата во Лондон има потпишано договори за купување на 54 милиони дополнителни дози Фајзер и 60 милиони дози Модерна за 2022 година и 2023 година.

Овие договори вклучуваат пристап до модифицирани вакцини доколку е потребно за борба против Омикрон и идните варијанти, соопшти Министерството за здравство.

Д-р Бурла истакна дека Фајзер веќе има направено ажурирани вакцини како одговор на сојот Бета, исто така идентификуван првпат во Јужна Африка, и Делта варијантата, првпат откриена во Индија.

Компанијата сега работи на ажурирана вакцина како одговор на сојот Омикрон, која може да биде готова за 100 дена.

Бурла вели дека вакцините помогнале да се спасат милиони животи за време на пандемијата и без нив „фундаменталната структура на нашето општество би била загрозена“.

До крајот на годината, Фајзер очекува да испорача три милијарди дози од својата вакцина а четири милијарди се планирани за следната година.

Компанијата Фајзер ќе генерира најмалку 35 милијарди долари од продажба на вакцини против Ковид-19 оваа година, а цената на нивните акции се зголемува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.