Попладнево во ГОБ „8 Септември“ се случил инцидент со семејство на почината пациентка од ковид-19. Семејството побарало сами да го однесат телото на починатата на скопска патологија и да се направи обдукција која ќе покаже од што починала таа, потврди за „Република“ директорот на ГОБ „8 Септември“ д-р Христијан Костов.

Секогаш се стресни тие моменти кога некој ќе почине, ние тоа го разбираме. Но, има протоколи, посебно кога станува збор за зараза. Не може да влегува кој кај сака и кога сака. Семејството бараше сами да го однесат телото на обдукција, но тоа не е дозволено. Откако ќе почине пациент болен од ковид-19, доаѓаат од АД Бутел и тие си работат по свои протоколи. Затоа настана инцидентот, вели д-р Костов.

Досега ниту на еден починат од ковид-19 не му е направена обдукција, потврди д-р Костов. Според него, би било добро тоа да се направи, за да се види што му прави коронавирусот на телото и кои делови ги зафаќа.

Телото на обдукција на патологија треба да го однесат вработени од погребалното претпријатие Бутел. Ние не сме обучени за тоа. Досега не е направена обдукција на ниту еден починат, но добро би било кога тоа би се направило, за да имаме повеќе информации за вирусот и како тој го напаѓа телото, вели д-р Костов.

Денеска Министерството за здравство информираше за нови 126 заразени со ковид-19 и четворица починати пациенти. Со тоа бројот на смртни случаи кај нас се искачи на 302, а досега се регистирани 6334 случаи, од кои активни се 3557. Оздравени се 2475 пациенти.

Д-р Костов потврдува дека често имаат инциденти со семејствата на починатите пациенти.

Имаме договор со МВР и затоа често околу болницата кружат и припадници на единицат „Алфи“ токму поради вакви ситуации со семејствата, вели д-р Костов.

Во моментов во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 140 пациенти од кои 70 се на кислородна поддршка.

Секој три дена во болницата доаѓа цистерна со кислород. Ако не е така, нема да постигнеме, вели д-р Костов.

Тој апелира до сите болни и дијагностицирани на ковид-19 да не доаѓаат во последен момент во болница, туку да се пријават на првиот симптом.

Мора да се почитуваат сите мерки, мора да се носи маска, да се држи дистанца и да се дезинфицира. Нема друго. Посебно сум благодарен на тимот на анестезиолози во ГОБ „8 Септември“. На нив падна најголемиот товар и многу сум благодарен за се она што го прават за болните, додава д-р Костов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.