Во текот на мината недела вкупно се пријавени 49 реинфекции со ковид-19, со зголемување од 36,1% во однос на претходната недела, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) кој се однесува на период од 15 до 21 ноември 2021 година.

Тестирани се вкупно 19.791 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 7,3% во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 2.929 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 8,9% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 11,6% до 16,9%, просечно 14,8%.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (44,3%), со неделна инциденца – 204,8/100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово 478,9/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (23,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (3,6%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, освен кај возрасната група од 0-9 години (+2,0%). Најзабележително е намалувањето кај возрасната група на лица над 60 години (-13,7%).

Со статус „оздравени“ се стекнале 2.855 лица кои биле хоспитализирани или на домашно
лекување.

Пријавени се 91 смртен случај во 21 град во текот на изминатата недела, во однос на 87 смртни завршетоци во 23 градови во претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (23). Во однос на возраста, најголем број (89,0%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (5), 40-49 години (3) и 30-39 години (2).

Во Лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ – Скопје во текот на минатата недела (15- 21.11.2021) се изврши секвенционирање на 48 примероци позитивни на SARS-CoV-2. Примероците беа одбрани во периодот од 25.10.2021 до 10.11.2021.

Кај сите секвенционирани примероци беше докажана Делта варијантата (B.1.617.2), како и присуство на различни сублинии на истата. Сублинијата AY.4.2 (VUI-21OCT-01) позната како Делта плус не беше детектирана кај ниту еден од секвенционираните примероци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.