Руски лекари од регионот на Ставропол направиле лек што ја сузбива вирусната активност на Kовид-19, а лекот бил тестиран во институтот „Гамалеја“, објавија локални медиуми.

Група лекари од градската клиника во Пјатигорск направија лек што ја сузбива вирусната активност на Ковид-19. Токсичноста и антивирусната активност на лекот веќе се тестирани во Центарот за контрола на квалитет на имунобиолошките лекови на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја” на Министерството за здравство – се наведува во локалната канцеларија на Министерството.

Студиите покажале дека во доза од 1 мг/мл, вирусното оптоварување се намалува за 5,3 до 13 пати во споредба со контролната група на заразени клетки кои не биле засегнати од лекот.

Во извештајот се истакнува дека методот на третман предложен од руски лекари е познат како „антисенс терапија“ и се заснова на блокирање на РНК вирусот.

Како што се објаснува, РНК во човечка клетка секогаш се состои од еден синџир и за секоја негова функција потребно е таа да остане во еден синџир. Затоа, наједноставниот начин да се наруши нејзината работа е да се додаде друг синџир.

Што се однесува до третманот на Ковид-19, лекарите од Пјатигорск го избраа потребниот антисенс синџир за блокирање на РНК вирусот САРС-КоВ-2 – се вели во соопштението на Министерството.

Во извештајот се истакнува дека истражувачката група во моментов преговара со фармацевтски компании и државни фондови за ризичен капитал, чии активности се поврзани со финансирање на нови руски лекови, така што постои можност да се почне со фазата на претклинички испитувања.

Студијата на лекарите од Пјатигорск влева надеж дека ќе се развие ефикасен лек против Ковид-19 – се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.