По вакцината „Спутник“, во Русија беа развиени уште две вакцини против корона вирусот – „ЕпиВакКорона“ и „КовиВак“, но третата фаза од клиничката студија сè уште не е завршена. Сепак, научниците имаат големи очекувања и од овие вакцини.

Официјална Москва има намера да ги вакцинира повеќето граѓани до есен. Според планот, до мај Русија може да произведе вкупно педесет милиони домашни вакцини.

Сите три вакцини добија одобренија за употреба пред третата фаза на клинички студии во кои вакцината се тестира на десетици илјади волонтери. Така, во август минатата година „Спутник“ стана првата одобрена вакцина во светот. Само по одобрението, вакцината беше испитана во тестирање на 40.000 луѓе.

Пред пандемијата на Ковид-19, вакцините или лековите се користеа само по третата фаза на клинички студии и откако независни експерти ќе ги разгледаат резултатите. За време на оваа пандемија, многумина одлучија паралелно да се одвиваат втората и третата фаза од студијата со цел да се забрзаат постапките.

По третата, следува четврта фаза: ефектите на вакцината кај општата популација се следат подолг период.

Во Русија „ЕпиВакКорона“ (во октомври) и „КовиВак“ (во февруари) беа одобрени пред третата фаза. Но, според извештаите од Русија, се работи на дополнителни вакцини. Така, вакцината наречена „Мир-19“ ја поминала првата фаза на тестирање.

„ЕпиВакКорона“

Оваа вакцина се потпира на хемиски синтетизиран антиген, што значи дека не содржи жив вирус. Антигенот е супстанца што го стимулира телото да произведува антитела. Според некои извори, оваа руска вакцина треба да ја помине третата фаза од клиничката студија најрано во мај.

Сепак, вакцината е веќе одобрена во Русија, но и во Туркменистан. Во Русија на населението веќе им се дадени 45.000 дози од оваа вакцина.

Пред неколку дена, Светската здравствена организација објави дека сè уште чека рускиот државен институт „Вектор“, кој ја произведе „ЕпиВакКорона“, да ги испрати потребните документи за експертите на СЗО да ја проценат вакцината.

Оваа вакцина се чува во обични фрижидери. Руските власти тврдат дека тоа покажало 100% ефикасност на првите тестови.

„КовиВак“

Оваа вакцина е развиена од Центарот „Чумаков“, гранка на Руската академија на науките. Вакцината не се споменува од страна на СЗО, ниту на „clinicaltrials.gov“, американскиот официјален портал што ги следи сите клинички испитувања во светот.

Исто така може да биде збунувачки што американски експерти од „Codegenics“ работат на вакцина практично со истото име „Кови-Вак“ (иако името на руската вакцина главно е напишано без цртичка).

Според она што е познато, руската „КовиВак“ користи стандардна технологија – неактивен вирус кој не може да го зарази пациентот, но може да предизвика производство на антитела. Руските научници се надеваат дека оваа техника ќе се покаже ефикасна против сите мутации.

Руската агенција „Тас“ известува дека „КовиВак“ може да биде погодна особено за стари лица и хронично болни, бидејќи несаканите ефекти се наводно поблаги отколку со другите вакцини.

Центарот „Чумаков“ наведува дека вакцината се чува на температура од два до осум степени, односно во обичен фрижидер.

„Спутник“ е направена на поинаков принцип

Првата руска вакцина против Ковид-19 користи сосема поинаков метод – таканаречената векторска вакцина. Векторите се вируси со кои се манипулираат така што не можат да се размножуваат или да го заразуваат телото, но можат да стимулираат имунолошки одговор. Различни дози на „Спутник“ користат различни вектори кои, според научниците, може да ја направат вакцината многу ефикасна на долг рок.

Од нејзиното одобрување, „Спутник“ претрпе најмалку шест големи клинички испитувања во Русија, Индија, Венецуела, Белорусија и Обединетите Арапски Емирати. Вакцината е одобрена во повеќе од четириесет земји. Од членките на ЕУ, одобрувањето е достапно само во Унгарија. Се наведува дека ефикасноста на „Спутник“ е над 90 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.