Медицинската опрема во вредност од 122 552 долари денеска беше донирана за ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, од страна на Ротари клуб Скопје- Центар, преку програмата Hearts of Europe, финансиски поддржана од Rotary International и УСАИД.

Опремата се состои од дигитален мобилен рентген апарат за ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести, ултразвучен апарат за Клиника за кардиологија, бронхоскоп за КАРИЛ и за Клиниката за инфективни болести, и два дефибрилатора за Ургентен центар.

Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Ротари клуб Скопје – Центар посочи дека оваа донација е во рамки на еден од поголемите проекти на Ротари кој траел две години.

Она што е важно да се посочи е дека ја презедовме и обврската за обука на технички кадар за соодветно да ја користи опремата план и за одржување и мненаџмент со цел обезбедување оптиумална употреба. За нас тоа е исто така посебно важно затоа што опремата е донесена во Македонија но вистинската употреба цел и вредност ќе се видат во годините понатаму, појасни Војновиќ.

На предавањето на донацијата присуствуваше и министерот за здравство Беким Сали кој изрази благодарност и рече дека зајакнувањето на капацитетот на опрема во здравствениот систем е важен бидејќи на тој начин се подобруваат условите за третман на пациентите.

За хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ е обезбеден најсовремен дигитален рентген апарат, кој е мобилен и ќе биде од особено значење за најтешките пациенти кои се лекуваат на интензивната нега бидејќи веднаш на истиот оддел ќе бидат снимани на рентген доколку има потреба. Верувам дека зајакнувањето со оваа опрема ќе овозможи придобивки за голем број пациенти имајќи ја предвид природата на повредите на пациентите кои се третираат во во оваа установа, изјави министерот.

Изрази надеж дека поддршката која ја добива државата ќе продолжи и во иднина.

Амбасадорката на САД во Македонија Анџела Агелер истакна дека со оваа донација се очекува подобрување на здравствен капацитет на клиничкиот центар. Оцени дека пандемијата со Ковид – 19 помогнала во лоцирање на предизвиците, односно потребите на здравствениот систем во државава, особено во клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Најави дека поддршката и вложувањето во здравствениот систем преку вакви проекти ќе продолжат и во иднина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.