Кина вчера го регистрира највисокиот дневен ковид-биланс од почетокот на пандемијата, со пријавени над 20.000 новозаразени во 24 часа.

Повеќе од 80 отсто од новите позитивни случаи на ковид-19 се регистрирани во Шангај, најголемиот град во земјата, кој минатата недела беше речиси целосно затворен. Таму властите се подготвуваат да отворат болница со 40.000 кревети.

Како што се вели во соопштението на Националната здравствена комисија, во Кина вчера се регистрирани 20.472 новозаразени додавајќи оти „нема нови смртни случаи“.

Ова е досега највисокиот дневен број на заразени во земјата регистриран од властите, дури и за време на врвот на првичната епидемија, во центарот на Вухан.

Кина – каде што коронавирусот првпат беше регистриран на крајот на 2019 година, успеа во голема мера да ја искорени епидемијата до март благодарение на строгите мерки и политиката „нулта ковид“.

Но, бројот на случаи погоди илјадници луѓе на дневно ниво во последниве недели, при што официјалните лица велат оти откриле мутација на високо преносливата варијанта омикрон во близина на Шангај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.