Утре завршува скринингот на стотината вработени од штипската конфекција, од каде досега има дваесетина заболени.

Брисеви се земаат и од работници од неколку други конфекции кои на работа оделе со исти автобуси како оние со веќе потврден коронавирус.

Лицата кои се тестираат се од општините Штип, Карбинци и Чешиново-Облешево. Во изолација се 170 граѓани. Иако Штип се споменува како една од општините за карантин, од Општинскиот кризен штаб велат дека разговарале со здравствените власти, сметаат дека состојбата е под контрола, а со ставањето во изолација на сите контакти на заболените ќе се затвори кругот на ширење на вирусот.

Бидејќи со исти автобуси на работа се превезуваат работници од повеќе конфекции од Центарот за јавно здравје уште пред неколку денови испратија јавно задолжение до сите превозници за строго почитување на заштитните мерки.

Задолжително е одржувањето на хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, задолжително е одржувањето на социјална дистанца од 1,5 до 2 метра на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место! Задолжително е носењето на заштитни маски, а по можност и ракавици!, пишува во Задолжението од Центарот за јавно здравје.

Иако од Државниот здравствен и санитарен испекторат не открија пропусти во почитување на заштитните мерки во автобусите, активистите на „Гласен текстилец“ кои и порано алармираа дека во некои автобуси има премногу метеж и не се носат заштитни маски, своите докази од вчера почнаа да ги испраќаат до инспекторатите.

Во моментов во Штип се активни 27 случаи. Капацитетот на Инфективното одделение е исполнет до половина одосно во болница се лекуваат 15 граѓани со Ковид 19. Засега сите се со средна клиничка слика и стабилна состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.