Расфрлени органи од животни непосредно до населени места на плус 40 степени целзиусови. Ваква е сликата на повеќе места ширум земјава на ден по големиот муслимански празник Курбан Бајрам, кога верниците традиционално колат курбан, односно принесуваат жртва, што симболизира приближување кон Бога.

И покрај контејнерите, што од Комунална хигиена ги поставиле токму за таа намена, во Сарај, на само стотина метри пред езерото Треска, се гледаат органи од заклани животни расфрлени на паркинг просторот крај патот. Во непосредна близина на населено место оставени два дена на отворено во услови на високи температури, овие остатоците од животинско потекло шират неподнослива смрдеа и поради брзото распаѓање претставуваат потенцијална закана за ширење заразни болести, објави Сител.

Ништо поразлична не е ниту сликата во Гостивар и струшко. Граѓански здруженија објавија фотографии на кои се гледа расфрлан животински отпад покрај контејнери, но и покрај игралишта за деца. Велат дека ќе ги гонат виновниците.

Претходно Комуналните претпријатија и градоначалниците од повеќе општини, но и скопското муфтиство, упатија апели до граѓаните да водат сметка за органскиот отпад од курбанот, а свештените лица во џамиите ги информирале верниците за тоа каде треба да го фрлаат отпадот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.