Научниците се загрижија кога открија траги на фталати (соединенија кои ги има пластиката) во јајца пронајдени на Арктикот. Фталатите на човечкиот организам делуваат така што ја пореметуваат рамнотежата на хормоните во живите организми, предизвикувајќи феминизација на машкиот пол. Овие супстанции рутински се применуваат кај многу производи од пластика, а на Арктикот стигнале преку капачиња од шишиња и отпушоци од цигари, кои птиците често ги голтаат затоа што мислат дека се храна.

Птиците најголем дел од животот се хранат на море и се враќаат во гнездата само за да се размножуваат. Јајцата во кои се пронајдени фталати, во лабораторијата биле донесени од гнезда од северните фулмари, кои живеат на остров во Ланкастер Саунд, а од најблиската човечка населба се оддалечени повеќе од 160 километри.

Д-р Џенифер Провенчер од канадската служба за заштита на дивите животни прелиминарно тестира јајца од пет фулмари и во едно од нив пронашла фталати, но предупредува дека проблемот би можел да биде многу поголем, затоа што токсични хемикалии може да се пронајдат и во јајца од останатите арктички птици.

Кај овие птици нивото на акумулирана пластика е најниско. Кога би ги тестирале колониите фулмари на Северното Море, каде што нивото на пластика е поголемо, резултатите веројатно ви биле подраматични. Сега треба да ја провериме и останатата популација на Арктикот и да утврдиме дали и кај нив има иста или друга хемикалија, појасни Провенчер.

Птиците често во потрага по храна проголтуваат пластични предмети кои неретко се преголеми за да поминат низ нивниот дигестивен систем па се задржуваат во желудникот. Во желудникот на арктичките фулмари се наоѓа специфична маслена течност која како проектил ја испуштаат на секој кој ќе им го загрози гнездото. Орнитолозите претпоставуваат дека фталатите ги пронашле патот до таа течност и потоа стигнале и до јајцата во утробата на женките.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.