Приватните стоматолози на 6 ноември излегуваат на протест

Здравје 02.11.2019 / 11:33

Под мотото „Да ја вратиме насмевката на стоматолозите“, Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина на 6 ноември од 12 часот најавува протест пред Министерството за здравстово, поради, како што велат, неиздржливата финансиска ситуација во која се наоѓаат стоматолозите во Македонија и немање слух од институциите за нејзино решавање.

 Да го изразиме нашиот револт за неподносливата состојба во која се наоѓаме и да ги повикаме институциите да нѐ примат со цел да ги презентираме нашите решенија за проблемите во стоматологијата кои се провлекуваат со години и нѐ доведоа во оваа ситуација, но и да ги решиме истите“, стои во повикот за протестот.

Понатаму, Здружението вели дека лошата ситуација ги довело до работ на егзистенција  огромен број на стоматолошки тимови коишто не се во можност да поминат ниту минимални плати од по 12.000 ден.

 Овој факт го потврдуваат и податоците од Фондот за здравствено осигурување. Имено, преку 72% или 876 стоматолошки тима од вкупно 1.211 кои имаат склучено договор со ФЗОСМ имаат запишани под 1.500 пациенти кои претставуваат потребен минимум за да овие стоматолошки установи поминат минимална плата за доктор и сестра од 12.000 ден и основните режиски трошоци на амбулантата. Покрај нив, во уште полоша ситуација се стоматолошките ординации кои се надвор од мрежата и не добиваат никакви средства, страдаат од нелојална конкуренција, поради прениските цени и неограничениот број на услуги кои ги даваат ординациите кои имаат склучено договор со Фондот за здравство. Сегашниот модел на исплата на услугите преку капитација, како и условите под кои се склучуваат договорите со ФЗОСМ, спротивно на законот за здравствено осигурување, е неодржлив и потребна е итна промена на истиот“, се вели во повикот.

Од Здружението додаваат дека „одливот на осигуреници, одливот на сестри – стручен кадар и неможноста да се платат соодветно, лошиот и неправеден модел на финансирање, односно, откупување на услугите од страна на ФЗОСМ, ја доведува во прашање егзистенцијата на стоматолозите низ цела држава, а воедно повлекува и одлив на млади стоматолози во странство бидејќи под овие услови за работа, за нив нема иднина“.

– Нерамноправната ситуација во која се наоѓаат и стоматолошките тимови во специјалистичките ординации ја одрзува нееднаквоста и третманот на државата на оние кои работат во јавно здравство наспроти оние во приватно здравство и се далеку од 100.000 ден. месечна плата, што беа ветени за стоматолозите од секундарно здравство. Овде се поставува прашањето дали оваа држава е ‘мајка’ на докторите во јавните здравствени установи, а ‘маќеа’ на оние кои работат во приватните здравствени установи? Дали законите во оваа држава подеднакво важат за сите? Дали сите сме рамноправни и до каде би оделе овие небулози кои придонесуваат за уништување на здравството во нашата држава“, соопштува Здружението.

На крајот, велат дека работат дејност од јавен интерес и потребно е да постојат, за тогаш кога пациентите ќе имаат потреба, да бидат тука за нив.

 Поради тоа што државата по устав е надлежна да обезбеди здравствена заштита за секој нејзин граѓанин, потребно е да обезбеди и услови за наша егзистенција бидејќи ние сме една здравствена гранка без која не се може. Да ја вратиме насмевката на стоматолозите!“, се вели во соопштението на Здружението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.