Последна здравствена анализа направена на терен од Африканскиот национален институт за заразни болести укажува дека од Омикрон сојот на корона вирусот ќе бидат загрозени и оние со високо ниво на антитела.

Според студијата, новиот сој може да го заобиколи имунитетот кај оние кои веќе ја прележале болеста. Но, како што се веле во извештајот, добра вест е што кај реинфекциите, клиничката слика е со слаби симптоми.

Во меѓувреме, македонските експерти чекаат подетални информации, но предупредуваат дека граѓаните никако не смееме да се опуштаме.

Во Америка од тројца евидентирани со Омикрон, двајца биле целосно имунизирани па дури имаат и бустер доза. Тоа укажува дека, секако не може да се раководиме од студијата бидејќи е нецелосна и извршена на недоволен број испитаници, но сепак, оваа нова мутација најверојатно ќе го заобиколува стекнатиот имунитет преку вакцинација и прележување – вели Д-р. Злате Мехмедовиќ, докторант по јавно здравје.

Според досега познатите податоци, ризикот од реинфекции кај новиот сој е за 2,4 проценти поголем во споредба со оригиналната варијанта од Вухан. По регистрирањето на Омикрон во триесетина земји, од СЗО излегоа со предупредување државите да се подготват за ново големо ширење на корона вирусот.

Ќе видиме како ќе биде по новогодишните празници. Најважно е со мерки да не дозволиме брзо да се прошири новиот сој – вели Мехмедовиќ.

Kако обид да се спречи ширењето на Омикрон сојот, некои држави ги прекинаа авионските врски со југот на Африка, а Израел и Јапонија целосно ги затворија своите граници за странци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.