Лекарите од Ерусалим биле шокирани кога ја откриле причината за ненадејната дремливост кај деветгодишно момче, кое било донесено во болница од загрижени родители.

Родителите пристигнале во медицинскиот центар Хадаса со момчето, бидејќи 9-годишникот бил премногу поспан.

Лекарите веднаш го прегледале, и нашле мала рана и крв на скалпот. Веднаш направиле ЦТ-скенирање на него, по што откриле дека момчето има куршум во главата.

Куршумот поминал низ черепот и застанал во мозокот на момчето.

Неврохирургот Геј Елор кој го отстранил куршумот од главата на момчето, вели дека родителите не знаеле дека нивниот син е погоден од куршум.

Мајката ни рече дека играл со другарчињата и дека се случило нешто, дека можеби нешто му паднало. Приказната не е целосно јасна. Имаше мала рана на главата – изјавил лекарот, а пренесе „Тајмс од Израел“.

Се сомневаат дека момчето било погодено за време на прославата на Курбан-Бајрам.

Ако куршумот одел во друга насока, тоа би можело да предизвика многу поголема штета и значително невролошко оштетување – изјавил лекарот и истакнал дека момчето добро се опоравува и разговара со семејството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.