Доктор Јадранка Видак е меѓу првите Македонци во Англија што ја прими вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“. Таа е специјалист по цитопатологија и работи во болницата Imperial College Healthcare NHS Trust во Лондон. Тоа е државна установа која вклучува пет болници низ Лондон. Видак се вакцинирала пред неколку дена токму во болницата во која работи веќе 18 години и впечатоците од целиот процес ги сподели за Факултети.мк.

Пред да ѝ биде ставена првата доза од вакцината, ѝ била направена анкета за нејзината здравствена состојба. Аплицирањето на втората доза на вакцината ѝ е закажано за 26 јануари.

Постапката е иста како пред да се прими која било друга вакцина. Во случајот не мора да се приложи негативен ковид-тест, туку само ме прашаа дали имам хронични заболувања и дали сум работела во некој од нашите ковид-центри – вели Видак.

Откако се вакцинирала, го продолжила работниот ден во болницата.

По вакцинацијата поседов уште 15-ина минути. Потоа продолжив со активностите. Дента немав никакви симптоми и нормално функционирав. Вечерта малку ме подболуваше рамото каде што беше ставена вакцината. Но, истото го чувствувам и кога се вакцинирам против сезонски грип, нешто што го правам веќе 18 години откако работам во болницата – додава д-р Видак

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.