Според истражувањето на белгиски болнички тим, постои јасна врска помеѓу недостигот на витаминот Д во организмот и тешките случаи на ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Наодите на медицинскиот тим ги објавуваат денеска белгиските медиуми кои го цитираат истражувањето кое треба да биде објавено на 20 ноември.

Според биолозите инволвирани во истражувањето, речиси половина од 16.274 пациенти инволвирани во студијата имале сериозен недостаток на витамин Д, што било посебно видливо кај машките пациенти.

Биолозите сметаат дека недостигот на овој клучен витамин во организмот може да биде индикатор дека пациентот ќе развие сериозен случај на ковид-19. Витаминот Д е клучен за апсорпција на калциумот и магнезиумот и го зајакнува имуниот систем, пренесуваат медиумите.

Студијата треба да биде објавена во Американското списание за клиничка патологија за десетина дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.