Масовно тестирање вчера е почнато на сите вработени во штипската конфекција, каде што деновиве се шири коронавирусот, но и на работничките од другите две конфекции кои се превезувале во истиот автобус со заразените до своите работни места. Ова е една од одлуките од заедничкиот состанок на членови на Комисијата за заразни болести, државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, и Општинскиот кризен штаб, информираше денеска градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.

Масовното тестирање на работниците се очекува да заврши денеска или најдоцна до утре. Така што, сите текстилни работнички од таа конфекција ќе бидат тестирани и ги очекуваме резултатите. Се надеваме на што помал број заразени. Се работи за една сериозна анализа, епидемиолошка, која го покажува движењето на овие луѓе, кои се контактите, движењето во автобусите, дезинфекцијата и сето тоа треба да се заокружи со едно тестирање, рече Бочварски.

Сите граѓани од Штип кои се превезувале со автобусите од и до текстилната конфекција во која се детектирани поголем број лица заболени од короновирус, како и граѓаните кои користат ваков тип превоз, задолжително да останат во самоизолација и да се јават кај својот матичен лекар при појава на првите симптоми на болеста – кашлица, главоболка, покачена телесна температура, затнат нос, болка во грлото, треска, губење на чувството за вкус и мирис. Задолжението до граѓаните го донесе Центарот за јавно здравје-Штип по состанокот со епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.

До денеска во овој кластер регистрирани се вкупно 19 заболени, покрај работници има и членови на нивни семејства. Епидемиолозите до денеска во изолација и самоизолација од овој кластер ставиле 153 работници, но и нивни контакти со членови на семејства, пријатели.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.