По десет месеци без гинеколошки прегледи, во скопската општина Шуто Оризари ќе почне да работи гинекологот д-р Божидар Бошковски, соопшти Министерството за здравство.

На вчерашната средба, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и гинекологот д-р Божидар Бошковски дискутираа околу отворањето на ординацијата, со цел жените од оваа општина да ја имаат потребната и неопходна здравствена услуга. Локацијата за ординацијата е најдена, а на средбата беше договорено ресорното министерство да ја опреми ординацијата.

Сите жени од Шуто Оризари сега ќе имаат гинеколог, кој ќе се грижи за нивното здравје. Д-р Бошковски е искусен гинеколог кој ќе им биде на располагање на сите пациентки од оваа општина. Проблемот со недостатокот на гинеколог во Шуто Оризари го решивме. Најважното е тоа што пациентките ќе можат навремено да ги извршуваат своите гинеколошки прегледи. Продолжуваме и понатаму да водиме грижа и вистинска здравствена политика за сите пациенти, изјави министерот Филипче.

Последен гинеколог кој работеше во Шуто Оризари беше д-р Вјолце Мбира, која беше назначена за гинеколог во јули 2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.