Медицинскиот персонал од приватната педијатриска амбуланта „Педијатрија-Д” во Дебар повторно е во служба на здравјето на децата од поширокиот дебарски регион.

Амбулантата беше затворена од 17 март откако по направените тестови персоналот беше позитивен на Ковид-19.

Двајцата лекари,педијатри и трите медицински сестри веќе почнаа со работа и непречено во текот на денов дале услуги на повеќе деца.

-Најпрво им заблагодаруваме на сите кои ни дадоа поддршка,што навистина многу ни значеше. Го минавме периодот во изолација и сите бевме на лекување во домашни услови. Сега сме подготвени да продолжиме со нашата мисија да се грижиме за здравјето и доброто на нашите најмлади,вели доктор Илбер Кокале, со кого попладнево се сретнавме во амбулантата, каде со сестра Мајлинда Ѓерѓи даваа услуга на тригодишно детенце кое се жалеше на воспаление на уво.

Со блага насмевка сестра Ѓерѓи ни рече дека се чини оти и децата и родителите со нетрпение ги очекувале, зашто, освен што дошле за преглед, многу родители и тука но и телефонски искажале задоволство што се добри и што почнале со работа.

– Ни велат бидете здрави за да може да го чувате здравјето на нашите деца, дополни доктор Кокале.

Останатиот персонал,доктор Арбен Аголи, и медицинските сестри Анифе Леши и Мајлинда Баланса биле во прва смена, со нив не се сретнавме, но разговаравме телефонски со доктор Аголи.

– Почнавме со работа откако сите тестови покажаа негативен резултат. Сега сме тука и нема повеќе потреба од доаѓање на педијатри од други градови. Целосно сме во служба на децата. Во прва смена имавме околу дваесет прегледи, но совети и препораки сме дале многу повеќе, ни рече Аголи.

Педијатриската амбуланта „Педијатрија-Д” е единствена здравствена институција од овој вид во поширокиот регион. Тука услуга добиваат деца од општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше,односно подрачјето на Река.

Амбулантата работи од 8:00 до 19:00 часот,сега поради светиот месец Рамазан,кој почнува на 24 април а потоа работното време ќе биде до 20:00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.