Велдз Веапоска од Дебар, медицинска сестра од итната помош, преживува вистинска голгота откако се породила во болницата во Струга со царски рез, но од операцијата излегла без матка, бубрег и без еден јајник.

За оваа состојба во која се наоѓа таа, а за која вели дека ни на куче не му се прави, бара Лекарската комора на Македонија да му ја одземе лиценцата на директорот на струшката болница и гинеколог што ја оперирал, д-р Мухамед Асани. Доктор Асани, пак, вчера за „Слободен печат“ изјави дека операцијата ја извршил совесно.

Имам цела документација од матичен лекар дека никогаш немам боледувано од бубрег, дека никогаш не сум имала проблеми со песок или камења. Тетка ми е сведок дека ни побараа мито кога се породив. Ме имаат пуштено за Скопје речиси умрена. Ова е сигурно лекарска грешка и нема како да се покрие. Но сепак никој не реагира. Барам да си даде отказ или да му се одземе лиценцата, а јас кривично ќе го гонам на суд. Ако нема тука правда ќе го носам до Стразбур. Иако работев осум години како медицинска сестра и се имам борено за животот на пациентите, сега самата при стапнување во болница добивам панични напади – раскажува Веапоска за „Слободен печат“.

Министерството за здравство вчера информираше дека предметот е испратен до Лекарската комора за стручен надзор по што јавноста ќе биде детално информирана.

Извор: Слободен печат

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.