Можеме да кажеме дека ова е Ковид-21 наместо Ковид-19, тој е трипати позаразен од оригиналниот вирус, вели за новиот сој на коронавирусот кој се појави во Африка, белгискиот премиер Александар де Крој.

Откако првиот случај на овој сој е регистриран и во Белгија, Де Крој предупреди дека новиот вид, означен како B.1.1.529, е многу различен од оној што се појави во Вухан пред две години, тврдејќи дека е три пати позаразен од него.

Новиот вид беше идентификуван во Боцвана на 11 ноември и се верува дека се шири во Јужна Африка.

Според досегашните сознанија, оваа варијанта на вирусот има 32 мутации во шилестиот протеин на вирусот, што би можело да му овозможи да го заобиколи имунитетот на вакцината, а Британската агенција за здравствена безбедност ја нарече „најлошата досега“.

Премиерот на Белгија најави и нов сет на мерки против коронавирусот, со цел да се спречи ширењето на четвртиот бран во таа земја. Мерките вклучуваат затворање на ноќните клубови и дискотеки на три недели, како и забрана за приватни прослави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.