Од денес почнува вакцинацијата со новите вакцини за рота вирус и пневмокок, која Министерството за здравство ја воведе во редовниот календар за имунизација за бебињата и децата, а министерот за здравство, Венко Филипче, ги најави пред неколку месеци.

Вакцините за бебиња и мали деца се веќе дистрибуирани во вакциналните пунктови и родителите може да почнат да ги носат децата на вакцинација. Со вакцината против рота вирусот се заштитени најголем процент од децата кои ја примиле, се спроведува со орална ротавирусна вакцина во три дози со ставање капки во устата на детето, на возраст од шест недели до 32 недели. Првата доза од вакцината треба да се даде пред детето да наполни 15 недели, додека сите три дози на вакцината треба да бидат примени пред да наполни осум месеци.

Со пневмококната вакцина се намалува можноста за пренос на вирусот. Третманот на пневмококни инфекции со антибиотици не е толку ефикасен, поради големата отпорност на бактеријата кон антибиотици, што ја прави вакцинацијата уште поважна превентивна мерка. Вакцинирањето е најдобриот начин детето да се заштити од пневмококна инфекција.

Пневмококната вакцина се дава интрамускулно. Се користи пневмококна вакцина, која штити од повеќе серотипови пневмокок, кои се поврзуваат со тешки инфекции кај децата. Детето може да прими од една до четири дози, во зависност од возраста на детето во моментот кога е почнато со вакцинација.

Од почетокот на јануари годинава кога беше прогласена епидемија на мали сипаници, вакцината ја примиле над 30.000 лица, а заболеле 1.833 лица, додека за жал од компликации четири дечиња починаа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.