13ти ден чади депонијата во Буково. Чадот зависно од правецот на ветерот се чувствува и во Охрид и тоа во ек на туристичката сезона. Во околните села е неиздржливо. Но, тоа се само села, нели, кому му е гајле што луѓето кои живеат таму се гушат во ужасен чад, полн со токсични супстанции? Никој не известува како се чувствуваат и што сè низ годиниве претрпеле луѓето поради депонијава Буково. Не се фактор. Но со една заедничка групна тужба ќе станат. Како и жителите на селата во близина на Дрисла, напишаа на својот фејсбук профил O2 Иницијатива.

Над 700 камиони земја се истурени, периодов имаше силни врнежи, но депонијата и понатаму чади и општината не може да се справи со проблемот.

Иако фирмата на советникот на ДУИ Нефи Усеини е задолжена за одржување на депонијата Буково, санирање и покривање со земја на депонијата, ангажирана е и друга помош, зошто механизацијата на Нефи ИК не била доволна.
Се склучуваат договори со пари на граѓаните, со фирми кои не се способни да ја извршат работата за која се ангажирани, се формираат чуварски служби за 24ч надзор над депонијата кои не можат да вршат надзор ноќе поради страв од глутница кучиња. Ништо не функционира, ама пари се одлеваат. Пари од граѓаните.

Пред две години ова време чадеше депонијата во Струга и премиерот Зоран Заев во име на Владата ги понуди сите механизми и капацитети да ѝ помогне на општина Струга во решавање на проблемот. Понуди и финансиски да го помогнат набљудувањето на депонијата со камери, како и да финансираат 24 часовно обезбедување. Владата стоеше комплетно на располагање да помогне да се реши проблемот, додека не се најде трајно решение.

Влада на Република Северна Македонија нека го направи истото со Буково сега. Општината очигледно не е во можност да се справи со запалената депонија веќе две недели. И под итно да се утврди нова локација за регионалната депонија. Време нема, препораката на УНЕСКО е Буково да се затвори до декември 2020, велат од О2 иницијативата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.