Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) обезбеди нов апарат за ултразвук, кој има специјален софистициран софтвер за интервенции на периферни нервни блокови што значи дека овозможува подобра и попрецизна визуелизација на иглата, но и околните, дури и најмали анатомски структури (крвни садови, нерви, мускули) при зафатот кај пациентите, објави Министерството за здравство на својата веб страница.

Станува збор за апарат од американски бренд, кој е водечки во светот. Тој располага и со колор доплер, кој овозможува поголема безбедност и визуелизација на крвните садови, како и со сопствена батерија и може да се употребува шест часа без да е приклучен во струја.

Периферните нервни блокови водени под ултразвук, претставуваат нова анестезиолошка техника, при која пациентот за време на хируршката интервенција е буден, контактибилен, а притоа не чувствува болка, ниту за време на процедурата, ниту во постоперативниот период од 12 часа. Интервенциите со помош на овој апарат ја прават оваа процедура комплетно безбедна, како поради директната визуелизација на анатомските структури, така и поради минималните дози локален анестетик, со што се постигнува максимален ефект, а можните компликации од процедурата се сведени на минимум, вели директорот на Клиниката ТОАРИЛУЦ, д-р Илир Хасани.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој ја посети Клиниката, посочи дека опремувањето со современи апарати кои ја олеснуваат работата на лекарите, но и третманот на пациентите се главен приоритет на Министерството.

Новиот апарат има бројни предности кои се стандард во сите поголеми западноевропски трауматолошки и ортопедски центри, при изведување операции на екстремитетите.

Особено е значаен бенефитот кај пациентите со бројни заболувања, кај кои постои ризик од општа или спинална анестезија или кај пациенти кај кои се изведува еднодневна хирургија, бидејќи по примената на оваа процедура, пациентот по хируршката интервенција може да си оди дома, истакна министерот Филипче.

Во споредба со класичната општа анестезија, со анализи направени на нашите клиники, утврдено е дека трошоците за лекови и потрошен материјал петпати се намалени кај пациентите кои биле третирани со периферни нервни блокови место пациентите кои примиле општа анестезија за време на хируршкиот третман, посочуваат од Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.