Јавното обвинителство нема започнато официјална истрага за наводна криминална мрежа со злоупотреба на лекови, за која вчера од собраниска говорница раскажуваше Заев, потврдуваат за Алфа.

Според премиерот, шемата вклучувала и матични лекари кои издавале фиктивни рецепти, а во организација со аптеки им се давале лекови на луѓе без пари, кои пак потоа ги продавале во државата, но и во странство.

Се издаваат фиктивни рецепти од страна на лекари и истовремено, со добро организирана форма, аптеки, фиктивните рецепти ги примаат и лековите доаѓаат кај луѓе без пари, потоа се тргува со нив во државава и во земји надвор од државава. Тие се незаконски криминални активности, правиме сериозни истраги, изјави Заев.

Не е познато дали има предистражна постапка, која според Законот е тајна. Од Јавното обвинителство не одговорија на дополнителните прашања на Алфа, дали јавното говорење на Заев за постапка и истраги би наштетило на било какво дејствие преземено од обвинителството, и дали ќе се реагира со оглед на фактот дека работата за некаква истрага ја обелодени претседателот на Владата.

Од Фондот за здравствено осигурување не сакаа да коментираат на оваа тема, но ниту пак да дадат одговор за редовноста на контролата што оттаму треба ја спроведуваат. Во кус телефонски разговор само ни посочија оти набрзо ќе излезеле со конкретни мерки.

И Министерството за здравство реши да се огради од скандалозната објава за криминал со лекови. Велат не биле надлежни за лековите, сепак, премиерот посочи оти токму тим од Министерството за здравство придружуван од вработени во Фондот, вршеле контроли и правеле анализи.

Министерот за здравство работи на проблематиката, заедно со ФЗО и самите служби, кои се во секторот за лековите, и од Министерството за здравство и од Фондот. Верувам дека помеѓу септември и октомври, ќе имаме конечно решение, кое ќе обезбеди лекови за граѓаните од 1 до 31 секој месец, рече Заев.

Од Здружението на матични лекари реагираат на обвинувањата. Оттаму за Алфа велат дека премиерот без аргументи ги навредува и понижува. Тие бараат наместо со паушални обвинувања, премиерот да ги исполни ветувањата за зголемување на капитацијата.

Матичните лекари се понижени, не е дозволиво некој без аргументи да не деградира и да не прави криминалци, 1553 лекари. Наместо да се занимава со паушални изјави треба да се зафати со исполнување на она што го вети во програмата, како на пример капитациониот бод да биде 90 денари, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПРЛМ.

Од здружението додаваат дека самиот систем „Мој термин“ што е функционален, овозможува и електронска проверка на издадени лекови, но има можност и да се види дали пациентот ги подигнал лековите.


Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.