„Антителата се само еден вид на одбрана од коронавирусот и врз основа на нивната количина не може точно да се одреди дали сме имуни или не“, изјавил за „РТС“ имунологот Милош Марковиќ од Медицинскиот факултет во Белград.

Тој исто така повикал луѓето да се вакцинираат и да не ја мерат количината на антитела во својата крв.

Антителата се само еден вид на одбрана, секоја инфекција ги придвижува Т-лимфоцитите, ние правиме и некои мемориски клетки кои долго живеат и паметат и кои кога повторно ќе се сретнат со вирусот подобро реагираат и нè штитат, објаснил професор Марковиќ за „РТС“.

Тоа е, како што вели имунологот, имунолошка меморија и врз основа на тоа имаме имунитет кога ќе ја прележиме инфекцијата и по вакцинирањето.

Единствените антитела, истакнува имунологот, кои даваат некои појасни информации се неутрализирачките антитела чија количина можат да ја проверат само специјализирани лаборатории.

Што и да мерите во било која лабораторија, нема да измерите ниту еден параметар дали сте имуни или не. Дури и да направите тест, ние не знаеме кое е нивото на заштита и мојата препорака е јасна – воопшто немојте да мерите ниво на антитела во крвта, изјавил Марковиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.