Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека вчера со писмо е најавено дека првите вакцини од околу 833 илјади дози преку Ковакс-механизмот е можно да стигнат на крајот на јануари или на почетокот на февруари и согласно со спремноста на нашиот здравствен систем за нивно аплицирање, нашата земја би била меѓу првите што ќе ги добие вакцините преку овој механизам.

Според нивното писмо, како што рече, станува ззбор за вакцини од „Фајзер“, а следна која доаѓа предвид, рече министерот, е вакцината на „АстраЗенека“.

Освен најавата дека е можно да стигне одредена количина на крајот на јануари или почетокот на февруари, нема најава за точна количина, како што нема ни една земја од Ковакс-системот. Очекуваме тоа да биде следниот чекор, изјави Филипче одговорајќи на новинарски прашања.

Рече дека сме аплицирале со сите документи во однос на спремноста – со анализата и евалуацијата на нашиот систем направени со Светската здравствена организација.

Аплициравме да бидеме во првата група земји коишто би ги примиле вакцините, согласно со спремноста на нашиот систем во однос на чувањето на температура на -70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку центрите за здравје односно здравствените домови. Крајниот рок за апликација е 18 јануари, тогаш сите земји, според евалуацијата на СЗО се спремни, може да аплицираат, останува да видиме кога точно би пристигнала пратката, рече министерот за здравство.

Преку Ковакс-механизмот ќе добиеме 833 илјади дози вакцини за над 400 илјади граѓани. Покрај овие, ќе имаме околу 800 илјади дози од директната спогодба со „Фајзер“ како и преку третиот, солидарен механизам – отстапување одреден процент од вакцините што ги набавуваат земјите членки на ЕУ.

Филипче додаде дека со вакцините од сите механизми ќе бидат вакцинирани 1,2 милион граѓани во земјава, што е речиси 60 проценти од населението и, како што рече, предвидувањето е дека со нив треба да се постигне колективен имунитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.