Повеќе фармацевтски фирми, меѓу кои и „АстраЗенека“, „Модерна“, „Новавакс“ и „Фајзер“ кажаа дека планираат да ги адаптираат нивните вакцини против ковид-19 соодветно на новиот сој омикрон. Проф. Ендру Полард, директор на Оксфордската група за вакцини која ја разви вакцината на „АстраЗенека“, изрази претпазлив оптимизам дека постоечките вакцини би можеле да бидат ефикасни во спречување на сериозна форма на болеста од омикрон. Тој рече дека се чини оти повеќето од мутациите се во слични региони како оние во другите соеви.

Тоа кажува дека и покрај тие мутации кои постојат во другите соеви, вакцините продолжија да спречуваат тешка форма на болеста додека се движевме низ алфа, бета, гама и делта соевите“, изјави тој за радио Би-Би-Си. „Барем од шпекулативна гледна точка, имаме одреден оптимизам дека вакцината сепак треба да делува против тешка болест од новиот сој, но навистина треба да почекаме неколку недели за да го потврдиме тоа“.

Тој додаде дека е „исклучително малку веројатно оти ќе се случи рестартирање на пандемијата кај вакцинираната популација како што видовме минатата година“.

Брзото ширење на омикрон меѓу младите во Јужна Африка ги вознемири здравствените работници, иако немаше директни индикации дали овој сој предизвикува потешка болест. За само две недели, омикрон го претвори периодот на низок пренос во земјата во период на брз раст. Првичните студии покажуваат дека степенот на репродукција на омикрон е 2 – што значи дека секој заразен ќе го пренесе на уште двајца.

Некои експерти рекоа дека појавата на овој сој илустрира како трупањето вакцини во богатите земји се заканува да ја продолжи пандемијата.

Помалку од 6% од популацијата во Африка е целосно имунизирана против ковид-19, а милиони здравствени работници и ранливи популации допрва треба да добијат една доза. Тие услови можат да го забрзаат ширењето на вирусот, создавајќи повеќе можности тој да еволуира во опасен сој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.