Научничката Сара Џилберт, која го предводеше тимот што ја создаде вакцината против коронавирус на Универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“, наскоро ќе биде побогата за 22 милиони фунти, бидејќи фирмата што таа ја коосноваше ќе почне да котира на њујоршката берза. Џилберт, која стана позната по нејзината работа на вакцината против ковид-19, поседува 5,2 отсто од „Вакситек“, компанија која произлезе од Универзитетот Оксфорд и ја поседува технологијата за изработка на вакцината на „АстраЗенека“, но и за други вакцини како Мерс и Хепатит Б.

Компанијата „Ваксинтек“, која Џилберт ја основа во 2016 година заедно со нејзиниот колега од Оксфорд Адријан Хил, поднела документи за да котира на њујоршката берза „Насдак“.

Засега не се знае точната вредност на компанијата, но според извештајот на „Фајненшл Тајмс“, се очекува компанијата да постигне вредност на берзата од 425 милиони фунти, што значи дека уделите на Џилберт и Хил би вределе по 22 милиони фунти. И Универзитетот Оксфорд ќе добие отприлика толкава сума, бидејќи поседува 5,4 отсто во „Ваксинтек“. 12 отсто во компанијата поседува „Алфабет“, фирмата-мајка на „Гугл“.

Џилберт и Хил ќе бидат побогати за 22 милиони фунти, но тоа не е ништо во споредба со научниците кои ја развија вакцината на „Фајзер“. Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречим, коосновачите на партнерот на „Фајзер“ – „Бионтек“, станаа побогати за 2,9 милијарди фунти, според „Форбс“. Акциите на „Бионтек“ пораснаа за 200 отсто од почетокот на пандемијата.

Двајцата научници кои помогнаа да се развие вакцината на „Модерна“, Тимоти Спрингер од Харвард и Роберт Лангер од МИТ, имаат удели во вредност од 1,6 милијарди фунти во компанијата.

„АстраЗенека“ потпиша договор да ја дистрибуира вакцината на Оксфорд на непрофитна база додека трае пандемијата. Кога ќе заврши овој договор, Универзитетот Оксфорд ќе добива 6 отсто од приходите, но за „Ваксинтек“ овој податок не е познат.

Во јануари 2020 година, тимот предводен од Џилберт работеше на вакцина против ебола, но откако кинеските научници направија генетско секвенционирање на коронавирусот, таа веднаш го пренасочи својот да работи на вакцина против коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.