Група истражувачи од Универзитетот во Флорида успеале да изолираат жив примерок од корона вирусот од воздух, што на оддалеченост од два до пет метри бил земен од пациенти, хоспитализирани поради инфекција со Ковид-19.

Како што објави „Њујорк тајмс“, научниците тоа го објавиле минатата недела. Студијата се уште не е рецензирана, но предизвика дебата.

Експертите наведуваат дека не е јасно дали количеството вирус пронајдено во воздухот е доволно за да зарази друго лице.

Обидите да се земат таквите минијатурни капки најчесто го оштетуваат вирусот. Многу е тешко да се земе примерок од биолошки материјал од воздух, а да е употреблив. Мораме на паметен начин да ги собираме примероците, за да бидат слични на тие што ги вдишуваат луѓето – посочува инженерката Сели Милер, која го проучува квалитетот на воздухот и болестите што се пренесуваат преку него.

Во меѓувреме, вирусологот Линси Мар истакнува дека тоа е доказ дека заразниот вирус опстојува во воздухот.

Претходните обиди да се истражи ширењето на Ковид-19 по пат на аеросоли беа неуспешни поради земањето на примероци. Една група успеа да го изолира вирусот, но не успеа да докаже дали вирусот е заразен.

Истражувачите од Универзитетот во Флорида ги зачувале земените примероци така што прво ги зголемиле со водена пареа, па ги префрлиле во течност полна со соли, шеќери и протеини, за да го зачува патогенот.

Истата методологија била применета кога биле земани примероци од болничките соби, но тогаш не успеале да го изолираат корона вирусот поради присутноста на други респираторни вируси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.