Народниот правобранител упати апел до Владата, посебно до Министерството за животна средина и просторно планирање во најкус можен рок да ги интензивираат работите со управувањето на отпадот, посебно изградбата на регионалните депонии, и со тоа да ја спречат понатамошната опасност од загадување на животната средина.

Имено, последните случувања со опожарувањето на сметот во регионалната депонија Русино крај Гостивар, како и во депонијата Буково крај Охрид укажуваат на тоа колку е значајно решавањето на ова прашање, особено што последиците-загадувањето на воздухот, водата и почвата ќе имаат далекусежни последици не само во тие региони туку и во целата држава. Еко сиситемот во никој случај на смее да се гледа како изолиран, туку напротив тој е интегриран, па оттука загадувањето ќе влијае врз сите, вели народниот правобранител.

Тој со жалење констатира дека и после три години од неговото истражување за состојбата со депонирањето на отпадот во Република Македонија, констатациите остануваат исти, а ситуацијата на теренот непроменета. Локалните депонии, кои во најголемиот дел не исполнуваат ниту еден еколошки стандард и натаму работат, нема осовременување ниту на двете регионални депонии Дрисла и Русино, а не е отпочната изградбата на ниту една од шесте современи регионални депонии.

Посебно загрижува фактот што на еколошката карта на Европа, Република Македонија го завзема високото прво место по загаденост. Оттука Владата, која ги презеде ингеренциите од локалната власт во оваа сфера, веќе нема простор за одолговлекување со решавање на ова прашање, затоа што живеењето во здрава животна средина е едно од основните загарантирани уставни права и тоа право на граѓаните никој не смее да им го загрозува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.