Во ГОБ „8 Септември“ има наплив на пациенти болни од ковид-19, а директорот на болницата проф. д-р Христијан Костов вели дека се подготвени за продолжениот викенд. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент на возраст од 69 години, хоспитализиран на 1 јуни.

Синоќа беше еден од помирните вечери во последните три месеци. Примивме само двајца пациенти со пневмонија. Но завчера беше многу тешко, примивме 14 пациенти. Станува збор за пациенти од другите градови што доаѓаат со Брза помош, од Тетово, Штип, Велес… Сè се тешки случаи, пациенти кои имаат коморбидитети како хипертензија, дијабетес, бубрежно болни. Имавме и случаи со релативно млади пациенти кои имаат голема телесна тежина, вели д-р Костов за „Република“.

Д-р Костов вели дека сите овие случаи доаѓаат во болница во најтешката фаза.

Не знам зошто е тоа така, но сите пациенти, тешко болни, доааат многу доцна во болница, вели д-р Костов.

Моментално во ГОБ „8 Септември“ осум пациенти се на респиратор, а шестмина се со потешка клиничка слика. Десет пациенти се на кислородна поддршка.

За сите нас овој вирус е нов. Пациентите ги лекуваме според сите светски протоколи. Кај ковид-19 многу брзо може да дојде до влошување на вкупната состојба. Еден ден пациентот е добар, а веќе следниот состојбата нагло се влошува, објаснува д-р Костов.

Суспектни има и психијатриски пациенти, пациенти за операција со фрактури, кардиолошки случаи. Костов вели дека напливот на пациенти го одложил дури и селењето на Ценатарот во другиот дел на болницата, а со тоа и започнувањето со нормално функционирае на болницата за другите пациенти.

Доаѓа продолжен викенд, подготовени сме и за него. Имаме 25 респиратори, се надевам нема да има потреба да ги употребиме, додава д-р Костов.

Министерството за здравство се уште ги нема соопштено денешните новозаболени од ковид-19.

До вчера во Македонија официјално имаше 2.492 заболени, 145 починати и 1.605 оздравени пациенти. Активни се 742 пациенти.

По зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава и за ефикасно спречување на ширењето на коронавирусот, Владата донесе одлука да се воведе целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје, во сите сите скопски општини и во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Забраната на движењето почнува вечер, од 21 часот и ќе важи се до понеделник, до 05:00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.