Најголемо зголемување на бројот на заболени од коронавирус во однос на претходната недела има кај децата до девет години и изнесува 13,7 проценти, како и кај лицата од 10 до 19 години со 11,6 отсто, покажа Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 28 март до трети април годинава. Само пред шест дена, поточно на 30 март, основците почнаа да посетуваат настава со физичко присуство без задолжително носење маски. Истиот ден Комисијата за заразни болести препорача и средношколците да го сторат истото, но оваа препорака треба допрва да помине на Влада.

Сепак, од цела популација најмал број на заболени има кај децата до девет години, а најголем кај возрасната група над 60.

Инаку, бројот на заболени, хоспитализирани и починати и натаму опаѓа. Минатата недела биле тестирани 14.873 лица од кои 1.602 нови позитивни случаи од 30 градови во државата што е намалување за 5,4% во однос на претходната недела. Најголем дел од новозаболените се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, Делчево и Битола. Кај заболените доминира BA.2 сублинијата на омикрон. Оздравени се 1.706 лица или 4,6% помалку во споредба со минатата недела.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 272 реинфекции, со зголемување од 1,5% во однос на претходната недела. Инаку, од појавата на пандемијата до сега има вкупно 11.962 реинфекции, од кои девет завршиле со смрт.

Пријавени се 12 смртни случаи во 8 градови што е за 45,5% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје . Вкупно досега регистрирани се 9.231 смртни случаи.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 71 лице (13,4% помалку во споредба со претходна недела), од нив 27 се на кислородна поддршка (18,2% помалку во споредба со претходна недела), а 5 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (за 4 повеќе во споредба со претходна недела).

Од ковид-19 вкупно се разболиле 306.711 жители. Најголем дел во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци. Највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци и Скопје. Највисок морталитет во Прилеп, Кавадарци и Охрид. Највисок леталитет во Струга и Крива Паланка.

Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во 23 градови, со најголемо намалување во Демир Капија, Крива Паланка, Кратово, Радовиш и Тетово. Зголемување се забележува во Делчево, Пробиштип, Берово, Битола, Штип, Кавадарци и Неготино.

Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги во предвид индикаторите на СЗО, Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 2, со соодветни капацитети за одговор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.