На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) првпат е извршена нова хируршка интервенција за перкутано поставување педикуларен шраф на торако-лумбален рбет без класичен пристап, односно без отворање на рбетниот столб, соопштија од Министерството за здравство.

Од Клиниката појаснуваат дека станува збор за воведување нова оперативна метода, која се изведува само со мали странични резови од по два сантиметра. Со тоа се штеди ткивото, има помала постоперативна болка, помала можност за инфекција и пациентот порано се пушта на домашно лекување, што претставува големо олеснување за пациентите, а ќе има и заштеда во буџетот на установата.

После сериозна подготовка со инструменти, импланти и едукација во странство, пристапивме кон имплементација на оваа нова метода, што доведува до сериозен бенефит за пациентите. Новата метода ќе остане наследство на новите генерации спинални хирурзи во државата и претставува современа хируршка метода за третман на пациенти со повреди на рбет и друга патологија, каде е потребна задна стабилизација. Сето ова го направивме со поддршка од министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, вели директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, д-р Илир Хасани.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.