Медикаментозниот абортус или абортус со лекови од денес е достапен на Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје, соопшти Здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Поради едноставноста и безбедноста по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сѐ почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80% од абортусите во земјите во ЕУ.

Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19, вели ХЕРА.

ХЕРА и Клиниката го почнаа проектот на почетокот на годинава, работеа на обука на медицинскиот кадар, и плус со донација од Меѓународната федерација за планирано родителство, се реновираше и опреми просторија на Клиниката која ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус.

Оваа соработка следи по одлуката на Министерството за здравство да го одобри Клиничкото упатство за безбеден абортус (30 декември 2020) кое дава и медицински насоки за изведување на абортусот со лекови согласно стандардите на Светската здравствена организација (СЗО). Дополнително, во рамките на Превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, Министерството обезбеди буџет од половина милион денари за набавка на лековите за медикаментозен абортус за ГАК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.