Годишно во просек во земјава се дијагностицираат 45 случаи на ХИВ. Вкупниот проценет број лица со ХИВ би можел да се движи во опсег од 437 до 575 лица, додека бројот на тие кои не биле свесни за својот ХИВ статус би можел да изнесува меѓу 105 до 243 лица. Од проценети 500 лица со ХИВ на крајот на 2020 година биле дијагностицирани 332 лица односно 66 проценти. Околу 330 пациенти моментално примаат терапија на Клиниката за инфективни болести.

Ова денеска на прес-конференција по повод 1 Декември, Светски ден на СИДА, го истакна извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, Андреј Сених, укажувајќи на резултатите од анализата што ја спровеле во соработка со експерти од земјава и од надвор, според методологија на Европскиот центар за контрола на болести (ECDC).

Од Здружението апелираат секој сексуално активен човек одвреме-навреме да направи ХИВ-тест.

Она што како Здружение не загрижува е дека за жал во изминатите пет години од вкупно 225 регистрирани нови инфекции речиси половина или 48 проценти биле доцна дијагностицирани, а една петтина биле дијаностицирани во многу напреден стадиум на ХИВ инфекцијата. До крајот на 2020 година вкупно 112 лица се регистрирани како починати. Во овие доцна откриени случаи во последниве години регистрираме нешто зголемен број на смртни случаи. Обично има од еден до два или три случаи на смрт во годината. Минатата година имаше повеќе, а тоа се должи на доцна откриена ХИВ инфекција. Кога зборувам за доцна инфекција со ХИВ тоа не значи дека нема спас, рече Сених.

Дури 90 проценти од лицата кои се дијагностицирани во 2020 година, посочи тој, примаат анти ретровирусна терапија, додека од тие кои примаат терапија дури 94 проценти го имаат целосно потиснато вирусот во крвта, со што се прекинува можноста за натамошен пренос на инфекцијата по сексуален пат.

Министерот за здравство Венко Филипче укажа на чекорите кои ги презеле, а тоа е да се зголеми буџетот на програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за следната 2022 година од 90 милиони денари се зголемува на 130 милиони денари.

Тој рече дека на Инфективната клиника не се лекуваат само пациенти со КОВИД-19, туку една од патологиите е и ХИВ.

И затоа кажувам како специфичен пример е преоптеретена со пациенти кои не се вакцинирани. Значи мора граѓаните да знаат дека не е само Ковид-19, дека мора да се вакцинираат, дека мора да се зголеми стапката на вакцинација, да се постигне колективниот имунитет зошто луѓето заболуваат и од други болести за што експертите едноставно не можат да посветат внимание на се, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, Сених рече дека најголемиот дел од лицата со ХИВ се вакцинираат и реткост е да се сретнат антиваксерски ставови кај лица со ХИВ.

Во Кинотеката вечер во 19 часот ќе биде отворен мурал посветен на Фреди Меркјури, во 19:30 ќе има проекција на филм посветен на пејачот, а во 21 часот е добротворниот настан на кој собираат средства за помош на лица со ХИВ кои живеат во неповолна социјална положба.

Извршната директорка на Здружението ХОПС, претставник на Платформата на организации што даваат услуги за превенција на ХИВ кај клучните засегнати популации, Хајди Штерјова – Симоновиќ апелираше пратениците да ги усвојат измените во Законот за здравствена заштита со што ќе се институционализираат програмите кои работат на превенција од ХИВ и додаде дека многу е важно во образовниот процес да се воведе тема за сексуално и репродуктивно здравје кои ќе ги едуцираат младите во однос на превенцијата од ХИВ инфекција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.