Министерството за здравство информира дека вакцинацијата против сезонски грип почнува на 22 ноември 2019 година.

За претстојната сезона 2019-2020 година, како што наведуваат, набавени се 28.000 бесплатни вакцини за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од шест месеци до пет години, бремени жени, како и здравствени работници.

Дополнително, набавени се и 21.000 комерцијална вакцина од центрите за јавно здравство.

Првпат, од оваа година се подобрува достапноста на бесплатните вакцини против сезонски грип, покрај 10-те центри за јавно здравје, во вакцинацијата ќе бидат вклучени и три поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствен Дом Скопје, истакнуваат од Министерството за здравство.

Во Центрите за јавно здравје, вакцинацијата ќе се одвива во две смени, додека пак бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива во периодот од 14:00 до 18:00 часот.

Заинтересираните лица можат да закажат бесплатна вакцинација од 18 ноември, преку својот матичен лекар.

Како и во изминативе сезони, пикот на активноста на вирусот на сезонски грип се очекува во месец февруари.

Според Министерството за здравство, вакцинацијата во ноември и декември ќе обезбеди најголема заштита во периодот кога се очекува активноста на вирусот да биде највисока, а тоа е во февруари 2020 година.

Од Министерството за здравство наведуваат порачуваат политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири неточни информации во јавноста.

Ширењето лаги стана главната одлика за нивно функционирање, кои внесуваат забуна, недоверба и на штета на пациентите. Сите постапки кои се спроведуваат во Министерството за здравство се законски, во рок, јавни, транспарентни и на увид на целата јавност, стои во соопштението, во кое се додава дека лековите се оригинални, квалитетни и не се од паралелен увоз, како што претходно беа набавувани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.