Здравјето на бремената жена ќе има големи влијанија врз здравјето на новороденчето и понатаму во животот. Објективен факт е тоа дека морталитетот кај предвремено родените бебиња се има намалено за половина, односно за 50 проценти во период од две години.

Ова денеска го истакна новиот регионален директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, кој рече дека државава е меѓу првите земји која ја посетува и тоа претставува една политичка потврда за реформите, за вистинскиот пат по кој се движат реформите во земјата.

Денеска во Скопје се одржува Втортиот национален форум за здравје, на кој меѓудругото говореше и Клуге.

Моделот на здравствената заштита за мајките и новороденчињата што се базира на силна примарна здравствена заштита во државава е пример што ќе го промовираме и ќе го користиме за целиот овој регион на Балканот, особено делот на дигитализацијата, односно дигиталното здравје. Секоја реформа е тешка и за секоја реформа е потребно време, но она што е битно е дека сте на вистинската патека и Светската здравствена организација (СЗО) ќе продолжи со поддршката.

Пред две години бев присутен на првиот Национален форум за здравје, каде темата беше токму примарната здравствена заштита и тогаш му кажав на министерот дека ако реформите во оваа сфера се движат со посакуваното темпо и во вистинската насока дека ќе дојдам и на Вториот Национален форум за здравје, рече Клуге.

Тој посочи дека изутрината ја посетил јавната здравствена установа Поликлиника „Букурешт“, каде можел да види низ разговор со вработените таму какви придобивки има од алатката на електронското здравство „Мој термин“, што, како што рече, претставува алатка за координирање на примарната со секундарната и терцијарната заштита и неизбежната улога на патронажните сестри.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека Форумот е посветен на мајчиното здравје и здравјето на бебињата.

Навистина многу сработивме во овие изминати две години и горди сме на резултатите. Се инвестираше сериозно, се надградија капацитетите на сите најголеми родилишта во нашата земја, се инвестираше во инфраструктурата, во опрема, во прием на нов кадар, во едукација на кадарот, врвни експерти дојдоа кај нас, се направија едукација и семинари со што се надгради знаењето на луѓето кои работат во гинеколошко акушерските одделенија…, се инвестираше со имплементација на нови протоколи, 16 европски протоколи се имплементирани во сите јавно здравствени установи. На резултатот сите се гордееме. Неонаталната смртност на предвремено родените бебиња е преполовена. Ќе продолжиме со истиот интензитет да работиме и понатаму, додаде Филипче.

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска истакна дека е неопходно да се даде посебен импулс за поставување на вистинско место на примарната здравствена заштита, која треба да претставува главен столб за унапредувањето на целокупниот здравствен систем, бидејќи oдговара на најважните и превалентни потреби на граѓаните и заедницата.

Идното здравје на нашите деца зависи од здравствената состојба на мајката уште пред забременувањето, но и од квалитетот на емотивната и социјалната врска меѓу мајката и најблиското семејство со новороденчето веднаш по породувањето. Неопходна е сеопфатна едукација на поединците во рамки на овој холистички пристап. Координацијата и комуникацијата меѓу здравствените работници во примарната здравствена заштита и поврзувањето со социјалните сервиси е круцијално. Тоа опфаќа координација и размена на информации меѓу лицата во примарната здравствена заштита, општите лекари, превентивните тимови и тие кои пружаат грижа во домашни услови. Но, тука спаѓаат социјалните работници, цивилното општество, организациите на пациентите, рече Ѓоргиевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.