Повеќе земји ширум Европа пријавија зголемување на бројот на заразени од коронавирус. СЗО предупредува дека причината може да биде ширењето на инфекцијата меѓу младите луѓе.

Според експертите, вториот бран на коронавирус сигурно ќе пристигне, но може да биде различен од првиот, при што овојпат поизложени би биле младите.

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге изјави дека голем број здравствени претставници пријавиле голем број на заразени меѓу млади луѓе.

Без разлика дали ова е прв или втор бран, знаеме дека ова е последица на промената на однесувањето кај луѓето. Поради извештаите за поголем број заразени лица меѓу младите, за мене тоа е доволно силно предупредување за да разгледаме како подобро да ги вклучиме младите во одговорот против пандемијата, вели тој.

Научниците се загрижени дека младите луѓе кои периодов уживаат во летото би можеле да бидат следната најзагрозена група, како што бил случајот во 1918 година со шпанската треска

Она што го знаеме од 1918 е дека дошло промена кај грипот, вториот бран бил поразличен од првиот и влијаел на друга група луѓе, претежно млади, изјави професорот Роџер Кирби, претседател на Кралското друштво за медицина, за Би-би-си.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.