Министерството за здравство информира дека редовно се следи состојбата со корона вирусот на територијата на Македонија и дека се преземени сите мерки на заштита и превенција. Досега во државата не се забележани сомнителни случаи на корона вирусот, па дури и во препораките за патување издадени од повеќе земји, Македонија е ставена во рамки на земјите со вообичаена доза на претпазливост при патување. И покрај тоа, согласно препораките на Светската здравствена организација (СЗО), Министерството за здравство апелира до граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција:

• Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
• Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
• Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
• Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни.
• Задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол;
• Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.

Граѓаните да бидат спокојни, системот за превенција од корона вирусот целосно функционира. На аеродромот во Скопје е поставена термална камера, имаме стручен медицински тим со кој раководи епидемиолог. Имаме доволно заштитна опрема со која дежурните екипи ќе постапуваат при евентуален транспорт на сомнителен случај, а деновиве ќе пристинат и околу 500 реагенси за испитување на корона вирус, информира Министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.