Министерството за здравство ги повикува заинтересираните доктори на медицина со лиценца за работа во примарна здравствена заштита да се пријават на јавниот повик и да достават писмо за интерес до Министерството за здравство, најдоцна до 15 јуни 2019 година, со цел да се обезбеди можност за работа во траење од шест месеци.

Согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/19) докторите на медицина со лиценца за работа треба да поминат на работа шест месеци во примарна здравствена заштита во здравствен дом, како еден од условите за запишување на специјализација.

Овој услов е задолжителен за сите здравствени работници со високо образование од областа на медицината – доктори на медицина кои со лиценца за работа се стекнале или ќе се стекнат по 22 мај 2019 година согласно Законот за дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 101/19). Заинтересираните доктори на медицина треба да имаат завршена пробна работа, положен стручен испит и лиценца за работа.

Работата во траење од шест месеци ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.

Заинтересираните лекари за јавниот повик за изразување интерес за работа на доктори на медицина во примарна здравствена заштита во Здравствен дом, можат да се пријавуваат до 15 јуни.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.