Министерството за здравство ја демантира денешната изјава на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која тој наведува дека „има ограничени количини на крв, што мора да се надмине што поскоро“.

Министерството за здравство и Институтот за трансфузиона медицина редовно ја следат состојбата на крвни залихи. Во Институтот за трансфузиона медицина резервите на крв и крвни продукти се стабилни, велат од Министерството.

Дополнително, поради новата состојба со коронавирусот во земјата, Институтот за трансфузиона медицина заедно со Црвениот Крст на Македонија се реорганизира во однос на крводарувањето во земјата, со цел да се запазат највисоките мерки на заштита на населението и крводарителите, а притоа да се обезбеди континуиран прилив на донирани едници на крв кои ќе обезбедат количества за покривање на итниот програм, согласно одлуката на Владата.

Министерството и Институтот информираат дека има свежо смрзната плазма за цела година и доволно еритроцитен концетрат во залихи, а крводарување се одвива непречено и истото се организира врз основа на претходно епидемиолошка анкета направена од Институтот за јавно здравје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.