Матичните лекари застанаа против ставот на министерот за здравство Венко Филипче и тврдат дека во системот Мој Термин нема опција да се закаже ревакцина за вакцинираните во странство.

Докторот по општа медицина Бојан Трајковски е дециден и вели дека освен за повозрасните граѓани кои немаат можности да се пријават преку веб порталот вакцинација.мк матичните немаат можност да закажат вакцинација за втора доза за вакцинираните во други земји, објавува „Алфа“.

Освен тие официјални информации кои што ги добивме од Министерството каде ни беше наложено да закажуваме вакцинација за оние пациенти кои се постари и немаат можност да закажат за вакцинација во Македонија, друг тип на официјален документ или пак било какво соопштение ние немаме добиено. Обично за таков тип на новисти и за одредени работи кои што ни се наложуваат како матични добиваме известување преку самиот систем Мој термин, но до вчера заклучно со вчерашниот ден апсолутно немаше ништо такво – вели доктор Трајковски.

Граѓаните кои се вакцинирале во Србија преку социјалните мрежи се организираат да вршат притосок врз надлежните втората доза од анти ковид вакцината да ја примат во земјава. Велат срамно е од држава во која редовно плаќаат здравствено осигурување, да им биде ускретено правото да се имунизираат и во време на пандемија да бидат изложени на двојни трошоци.

Сите ние плаќаме придонеси за здравство и не е во ред да правиме дополнителни трошеци за едбо боцкање, во ситуација кога српскиот министер за здравство неколку пати јавно изјави дека се спремни да ги предадат списоците на вакцинирани и вакцините кои треба да ги примиме. Затоа ве молам да истапиме поорганизирано, не сме во мал број, се работи за 10.000 вакцинирани и да извршиме притисок врз министерот Филипче – пишуваат граѓаните на социјалните мрежи.

И покрај тоа што матичните се децидни дека немаат можност да закажат ревакцина за било кој пациент, министерот Филипче и натаму тврди дека лекарите од примарното здравство можат да им ја обезбедат оваа услуга на своите пациенти.

Може преку матичниот лекар и ќе бидат ревакцинирани со Астра Зенека ако се над 60 години, таа се планирани и овие дози кои што сега стигнаа. една количина остана на страна како резерва – изјави пред неколку дена министерот за здравство, Венко Филипче.

Околу 15.000 граѓани примиле анти ковид вакцина во Србија, а голем е бројот и на оние кои се вакцинирале во други странски земји каде престојувале на студии или по работа. Доколку не се направи итна промена во системот за закажување, се поизвесно е дека и повозрасните граѓани кои ја примија првата доза на „АстраЗенека“ во Србија за ревакцина потворно ќе треба да патуваат во Ниш, Врање или Белград.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.