Здружението на лекари по општа и семејна медицина бараат од премиерот Оливер Спасовски и до министерот за здравство Венко Филипче пакет економски мерки за поддршка и на матичните лекари.

Пандемијата влијае на целокупната егзистенција на државата, здравствено и финансиски, но влијае и врз финансиско опстојување на амбулантите во ПЗЗ: понатамошно обезбедување опрема за лична заштита, обезбедување услови на безбедна работа со пациенти и секако исплата на плати за вработените. Матичните лекари нема да можат да опстанат и ќе бидат приморани да ги затворат своите ординации, наведуваат во писмото.

Тврдат дека матичните лекари се заборавени од институциите и се ставени во нерамноправна положба потенцирајќи дека се приватни здравствени установи и дека треба сами да си обезбедат средства за работа.

Барањата што ги наведуваат во писмото се:

– награда на сите здравствените работници – тимови на матични лекари кои се грижат за пациенти со ковид-19 во домашен третман и ќе се грижат на пациенти кои прележале ковид-19,

– вредносни ваучери кои ќе можат да ги искористат за набавување на средства за лична заштита и хигиенски материјали,

– реализирање на ветеното покачување на бодот за капитација на 90 денари,

– да се укине дестимулативен начин на исплата каде што матичен лекар со поголем број на пациенти се исплатува со 70 отсто и 45 отсто од вредноста на бодот.

Исто така, матичните лекари бараат да бидат вклучени во донесување на одлуките за справување со пандемијата, за, како што велат, да може да се обезбеди силен систем на примарна здравствена грижа кој е од суштинско значење за обезбедување на висококвалитетна грижа и спроведување на мотото на СЗО „Здравје за сите“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.