Од вкупниот број заболени од коронавирусот во земјава, 14 се здравствени работници, вклучувајќи ги и овие сега дијагностицирани во Скопје, информира министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тие, како што соопшти Филипче се во Кавадарци, Дебар, сега во Скопје и во Куманово.

Прашан во каква здравствена состојба се децата кои се дијагностицирани со вирусот и каде се лекуваат, министерот информира дека најмалото дете од Скопје е на домашно лекување, девојчето кое се лекува во одделението за инфективни болести во болницата во Штип и момчето од Дебар кое има 15 години, а сите се во добра состојба во смисла на тоа да е манифестацијата на болеста во лесна форма.

Во однос на луѓето кои имаа контакт со екс-директорката на Кожната клиника, Филипче информира дека пет се позитивни од 30 тестирани, а тестирањето ќе се врши во пет до шест циклуси.

Не можеме сите да ги тестираме одеднаш затоа што ќе се угуши капацитетот за другите материјали кои што стигнуваат, сега се тестирани 30 и ќе стигне бројката до некаде 180 или 190 луѓе кои беа во самоизолација, посочи министерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.