Српските медиуми објавија дека во Здравствениот дом Врање е одобрено давање на третата, бустер доза од вакцината и за македонските граѓани, почнувајќи од денешниот ден.

Бустер дозата од вакцината против Ковид-19 се дава на сите луѓе кои ја завршиле својата примарна вакцинација, со прва и втора доза.

Македонските граѓани најмногу се вакцинираа во Врање, за што сведочат бројките на дадените вакцини. Над 24.000 дози од првата и втората вакцина примиле граѓаните на Македонија, а сите сега можат да ја примат третата, бустер доза, на новиот пункт за вакцинација во центарот на градот, истакнуваат српските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, од Здравствениот центар соопштија дека примарно е имунизацијата на српските граѓани да се одвива непречено.

Инаку, бустер дозата на вакцината против Ковид-19 во Србија се дава на сите лица кај кои е завршена примарната вакцинација и тоа: најмалку пет месеци по втората доза, кај лица кои претходно примиле две дози mRNК (Pfizer-BioNTech) или векторска вакцина (Гам-Ковид-Вак, Астра Зенека), најмалку четири месеци по втората доза, кај лица кои претходно примиле две дози инактивирана вакцина (SARS-CoV2 (Vero Cell) Inactivated-Sinopharm), најмалку пет месеци од давањето на дополнителната, трета доза, кај лица со примарни и секундарни имуноинсукции (лица кои најмалку 28 дена од втората доза примиле mRNК вакцина, како дополнителна, трета доза).

Се остава можност лицето кое ќе се вакцинира да го избере типот на вакцината што ќе ја прими како бустер доза. Ако вакцината Гам-КОВИД-Вак се применува како бустер доза, тогаш се дава првата компонента од споменатата вакцина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.