Лежалката на плажа лесно се заменува со болнички кревет, им порача министерот за здравство Венко Филипче на сите што се плажа и не ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19.

Да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19. Да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите родители, баби и дедовци. Затоа што нема ништо поважно од грижата за нашите најблиски. Носи заштитна маска, одржувај физичка дистанца, не се групирај и често миј ги рацете!, напиша Филипче на Фејсбук.

Вчера социјалните мрежи беа преплавени со фотографии и видеа, посебно од Охрид каде што туристите скоро и да не ги почитуваа мерките за заштита од коронавирус.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетители за носење лична заштитна опрема на лицето, што го покрива делот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.

Професорот на Медицинскиот факултет, Никола Пановски во изјава за ТВ Телма вели дека е подобро да се затворат плажите, бидејќи задолжителното носење маска не се почитува.

Моментално сум на плажа во Охрид. Има 600-700 луѓе. Маски носат само келнерите и персоналот. Има два-тројца што ја носат под брада. Никој друг не носи маска, вели д-р Пановски.

Според него, протоколите мора да бидат сменети, бидејќи прописите што се носат, како овој за задолжително носење маска на плажа, мора да бидат логични.

Подобро да ги затворат плажите отколку да кажат дека луѓето ќе седат на плажа со маска 3-4 часа на 40 степени. Тоа е мачење. Никој со здрав разум не би го направил тоа, да седи со маска на плажа. Значи, по охридските а веројатно и по останатите плажи, маски не се носат, бидејќи е тоа невозможно, е оценката на професорот.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1419 тестирања, а регистрирани се 166 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-47, Куманово-17, Дебар-1, Штип-23, Тетово-12, Струга-7, Битола-1, Охрид-3, Кавадарци-9, Гостивар-15, Гевгелија-1, Струмица-1, Демир Хисар-1, Македонски Брод-10, Виница-2, Свети Николе-2, Кичево-12, Неготино-2.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 185 оздравени пациенти од: Скопје-98, Куманово-17, Штип-25, Битола-8, Гостивар-15, Радовиш-2, Пробиштип-1, Свети Николе-12, Кичево-3, Ресен-4.

Починати се 4 лица, пациент од Скопје (77г.), пациент од Кичево (72г.), пациент од Штип (58г.) и пациент од Битола (70г.). Сите пациенти се починати во болнички услови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.