Во македонското здравство постојат доктори кои не ги пријавуваат заболените за тестирање на ковид-19 и кои не веруваат дека новиот коронавирус постои, информирала Лекарската комора преку соопштение објавено на својот профил на Фејсбук.

Загрижувачки е фактот што еден дел од колегите сè уште своите лични убедувања ги ставаат пред сознанијата и насоките препорачани од Светската здравствена организација и државните здравствени авторитети и власти, при што се однесуваат спротивно на официјалните протоколи, медицината базирана на докази и кодексот на медицинската деонтологија. Овие колеги не ги пријавуваат заболените за тестирање и ги лекуваат во домашни услови, а некои дури сметаат и дека вирусот не постои или се работи за заговори, со што се зголемува ризикот од ширење на инфекцијата, велат од Лекарската комора во соопштението.

Вашите колеги од Инфективна, од болницата „8 Септември“, од Итната помош, од Куманово, Дебар и многу други, им порачуваат од Комората, ги споделија своите искуства во јавноста и имавте можност сето тоа да го прочитате и видите.

Вирусот е тука и за жал носи жртви! Како ќе им објасните на семејствата на починатите дека вирусот е нешто што треба да се занемари? Бараме да ги почитувате сите протоколи препорачани од Светската здравствена организација и од Министерството за здравство за заштита од Ковид-19! Бараме да се однесувате одговорно како на вашето, така и надвор од вашето работно место! Бараме од сите вас да си ја исполните својата обврска кон пациентите со доследно придржување кон протоколите и начелата на медицината базирана на докази, добрата клиничка пракса и кодексот на медицинската етика и деонтологија!, велат од Комората.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.