Министерството за здравство информира дека Собранието на Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.

Со усвоените дополнувања, се бришат одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на полагањето на испит за директор на здравствена установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор.

Со измените здравствениот работник, односно соработник кој е именуван за директор може да ја врши и понатаму својата дејност со работа со дежурства, за што има право на соодветен надоместок.

На здравствените работници со високо образование кои се корисници на пензија, им се овозможува да можат да бидат ангажирани во здравствени установи како консултанти и советници на здравствените работници.

Со донесените измени на Законот, се менува времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата во траење еднакво на должината на траењето на специјализацијата, како и утврдување односно намалување на висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.

Здравствените работници со високо образование од областа на медицината кои завршиле стаж на специјализација и положиле специјалистички испит или завршиле стаж на специјализација до денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на овој Закон, а специјалистичкиот испит го положиле по денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, имаат право да се запишат на супспецијализација и да го спроведат супспецијалистичкиот стаж во согласност со плановите и програмите за супспецијализација на здравствените работници со високо образование од областа на медицината, како и да го полагаат супспецијалистичкиот испит, согласно со прописите според кои го завршиле стажот на специјализацијата.

Со законските дополнувања се доуредуваат одредбите кои се однесуваат на тоа што преставува цена на здравствена услуга извршена преку дополнителна дејност и под кои услови се врши истата во текот на еден месец.

Една од целите со измените на Законот е склучување на договор меѓу здравствените установи за уредување на меѓусебните права и обврски за начинот на вршење на специјалистичко-консултативни услуги при упатување на здравствен работник, односно здравствен соработник.

Во услови на недостаток на кадар во јавно здравствени установи се дава можност кадар од друга јавно здравствена установа да оди и пружа услуги на пациентите во ЈЗУ во општината во која живеат пациентите, за да не одат на друго место да користат здравствена заштита и услуга. Со оваа одлука, услугата ја правиме достапна до пациентите. Наместо пациентите да патуваат во големите болници или во Скопје, сега специјалистите ќе доаѓаат каде е потребно.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.